Османи: Ги донесовме и преостанатите 67 наши државјани од Израел

 – Со денешниот чартер лет од Тел Авив, кој беше организиран и платен од страна на Владата на Република Северна Македонија, ги донесовме и преостанатите 67 наши државјани кои побараа асистенција за нивна евакуација од Израел, објави на фејсбук министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

На истиот лет, пишува тој, „излеговме во пресрет и на нашите пријатели, обезбедувајќи трансфер и на седум албански, седум црногорски и три бугарски државјани“.

Согласно одлуката донесена од страна на Владата, беше организиран авионски превоз со чартер лет, на релација Тел Авив – Скопје, заради евакуација на сите државјани на Република Северна Македонија кои сакаа да го напуштат Израел и кои побарале да се вратат во Северна Македонија.

Како што соопштија вчера од Владата, во услови на целосно откажани летови и блокиран авио-транспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет е надминат преку соработка со „Ер Србија“, а трошоците за летот ќе бидат покриени од Буџетот.