– Претседателката на Косово Вјоса Османи оцени дека денешното гласање во Парламентарното собрание на Советот на Европа за членство на Косово во оваа меѓународна организација е историски момент на европскиот пат на Косово.
Како што пренесе Бета, таа додаде дека ова е доказ за „придржување кон правдата, еднаквоста и основните принципи на демократијата“ на Косово.
– Од се срце им благодарам на сите што гласаа „за“ за поддршка на сите граѓани на Косово и нашата кауза за човекови права. Му честитам на Косово и на сите кои придонесоа за ова историско достигнување, напиша Османи на социјалните мрежи.
Според неа, ова е уште еден чекор кон полноправно членство во Советот на Европа.
Парламентарното собрание на Советот на Европа вечерва го поддржа приемот на Косово во членството на Советот на Европа и го повика Комитетот на министри да донесе таква одлука.
Предлог-мислењето за барањето на Косово за членство со кое се препорачува прием на Косово во Советот на Европа на денешната седница во Стразбур го поддржаа 131 пратеник, а 29 гласаа против.