Османи на средба со Борел во Брисел: Да го задржиме кредибилитетот на процесот за приклучување преку поголема интеграција пред членството

 – Процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, внатрешно-политичката динамика во земјата и актуелностите поврзани со европското досие биле во фокусот на денешните разговори помеѓу министерот за надворешни работи, Бујар Османи и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Османи, кој е во работна посета на Брисел, како што соопшти неговиот Кабинет, го акцентирал успешното завршување на скринингот, како и потребата од забрзување на процесот на пристапување кон ЕУ што служи како силен мотиватор и движечка сила за реформи. Воедно, тој се осврнал и на целосната усогласеност на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, нагласувајќи ја и потребата од забрзана интеграција со учество во повеќе конфигурации на Советот на ЕУ, зголемена помош или прогресивен влез во политиките и придобивките резервирани за земјите членки, што всушност претставува наш заеднички интерес.

– Полноправното членство на Западен Балкан во ЕУ нема алтернатива. Она што сега ни треба, е регионот да биде подготвен за членство, додека Унијата за проширувањето, односно да го задржиме кредибилитетот на процесот преку поголема интеграција пред членството, истакна Османи.

Соговорниците, како што се посочува, се осврнале и на ЕУ интеграциите во поширок регионален контекст, а разговарале и за соработката и справувањето со последиците од руската воена агресија во Украина, ситуацијата во Газа и Блискиот Исток и други актуелни прашања од надворешно политичка и безбедносна природа.  

Во Брисел, министерот Османи, како што се наведува, имаше прилика да се сретне и со специјалниот претставник на ЕУ за Западeн Балкан, Мирослав Лајчак.