Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи за време на престојот во Соединетите Американски Држави, оствари средби и со претставници на дијаспората во Њујорк и Њу Џерси, на кои како што информираат од МНР, ја потврдил посветеноста на институциите на Северна Македонија за зајакнување на односите со дијаспората, преку систематизација на улогата и потенцијалот што припадниците на дијаспората ја имаат во новите средини во кои живеат.
Османи, се вели во соопштението, изразил благодарност за досегашните активности на дијаспората за зачувување на јазикот и културата, меѓу другото и преку реализација на дополнителна настава на мајчин јазик, при што имаше можност да ги посети училниците каде се изведува наставата. Тој, исто така, високо го оцени ангажманот на дијаспората за лобирање и промовирање на интересите на Северна Македонија пред највисоките претставници на американската администрација, политичките и бизнис елити, како и пред разните интересни групи во американското општество.
-Дијаспората позитивно придонесува за нашиот имиџ во странство и е важен мост, кој не можеме ниту смееме да не се обидуваме и искористиме. Во услови на потенцирана промена на структурата на миграцискиот контингент и неговите растечки развојни потенцијали. потребата за воспоставување на посилна соработка со дијаспората е од исклучително значење, нагласи Османи на средбите.
Детално се осврна на проектите на Министерството за надворешни работи последните две и пол години, реализирани и како резултат на апелот и интересот на дијаспората. Ги издвои, меѓу другите – дигитализацијата на конзуларните услуги (е-конзулат), поставувањето на базни и мобилни станици со кои за кратко време се обновува патната исправа, финансирањето на проекти за дијаспората, економските поволности за инвестирање во Северна Македонија.
Османи ги информираше соговорниците и за надворешно-политичкиот контекст, регионалната динамика и заокружувањето на стратешките цели на Северна Македонија, каде пристапниот процес за членство во ЕУ е од примарен интерес.