Османи на средби со државниот врв на Ерменија

 Министерот за надворешни работи и актуелен претседавачот со ОБСЕ, денеска ја завршува четиридневната турнеја низ државите од Јужен Кавказ со посета на главниот град на Ерменија, Ереван, каде ќе има средби со ерменскиот државен врв и со претставници на Националното собрание.

Како што соопшти МНР, главни точки на разговор на средбите на Османи ќе бидат тековната состојба на ерменско-азербејџанските односи и улогата на ОБСЕ и нејзините членки во обезбедувањето стабилност и безбедност во регионот на Јужен Кавказ, како и во поширокиот регион на Организацијата.

За овие прашања, Османи ќе разговара со претседателот на Ерменија, Вахан Хачатуријан, премиерот Никол Пашинјан, министерот за надворешни работи Арарат Мирзојан и со членовите на делегацијата на ерменското Национално собрание во Парламентарното собрание на ОБСЕ.

Во претходните три дена, Османи престојуваше во дводневна посета на Грузија и во еднодневна посета на Азербејџан, каде што на средбите со националните власти во двете земји ги пренесе пораките дека високо на приоритетите на ОБСЕ, а особено во агендата на Претседателството на Северна Македонија со Организацијата, е воспоставувањето на стабилност и одржлив мир во регионот на Јужен Кавказ.