Османи: ОБСЕ треба да ги усвои и развие своите способности во согласност со современите предизвици

– Претседавачот со ОБСЕ, воедно и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, одржа говор на отворањето на Годишната конференција на ОБСЕ за кибербезбедноста што се одржува во Скопје.

На конференцијата насловена „Луѓе, доверба, издржливост: Градење кибербезбедност за сите“, Османи ја истакна важноста на комуникацијата и поврзувањето, додавајќи дека во глобализираниот свет е од суштинско значење да се биде поврзан.

„Денешниот состанок е за поврзување на точките во кибербезбедноста. Станува збор за алатките и начините за да се овозможи и зачува одржлива, безбедна и меѓусебно поврзана глобална заедница. Станува збор за виртуелен свет без кибер и хибрид закани кон нашиот начин на живот и нашите демократии“, рече Османи.

Тој додаде дека кибербезбедноста е составен дел од сеопфатниот концепт за безбедност на ОБСЕ и затоа Северна Македонија, во своето претседавање со организацијата, ја стави кибербезбедноста многу високо на агендата.

„Со поглед кон понатамошните цели и со јасно разбирање за значајното влијание на новите технологии, вештачката интелигенција и другите технологии, ќе им препорачам на следните претседавачи на ОБСЕ да назначат специјален претставник за технологии во развој. ОБСЕ треба да ги усвои и развие своите способности во согласност со современите предизвици“, рече Османи.

Споменувајќи ја војната во киберпросторот што се одвива паралелно со реалната војна во Украина, Османи повика на одговорен пристап на државите и зголемена соработка.

„Кибербезбедноста не е само за виртуелното туку и за доблестите и вредностите што ги негуваме, промовираме и се бориме да ги заштитиме. И токму поради овие мотиви мора да останеме поврзани, да работиме заедно и да следиме одговорен пристап во киберпросторот. Со потпирање на нашата меѓусебна доверба, зајакнување на нашите капацитети и заедничка работа може да одиме напред кон побезбеден виртуелен свет“, рече Османи.

Покрај претседавачот Османи, на Годишната конференција на ОБСЕ за кибербезбедност, поздравно видеообраќање имаа и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, како и министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен, следна земја што треба да претседава со ОБСЕ.