Судењето против министерот Бујар Османи за навреда и клевета одложено за 26. декември

Во Основниот граѓански суд Скопје денеска се одложи судењето по тужбите за навреда и клевета поднесени против министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од страна на претседателот на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП), Бил Николов, и ММДЧП како организација.

Судењето беше одложено бидејќи министерот Бујар Османи бил на службен пат за што неговиот адвокат достави информација до судот непосредно пред почетокот на рочиштето.

Според тужителот, кон денешното барање на одбраната не биле доставени докази за оправдано отсуство.

Кон барањето не беа доставени докази за оправдано отсуство. Како и да е, навистина секогаш има причини, некакви состаноци. Меѓутоа, министерот некогаш треба да одбере и таму да одложи и да дојде на ова судење. Доколку не сака, одбраната има можност да инсистира да се одржи судењето без негово присуство и да се цени фактот дека го развлекува судењето и одбива да дојде на суд, а судот нека ги мери фактите“, изјави адвокатот Трајче Торов, кој посочи дека во меѓувреме не е стигнато извинувањето од министерот. 

На 27. јануари годинава претседателот на ММДЧП, Бил Николов, поднесе тужба за навреда и клевета пред Основниот граѓански суд Скопје, Македонија, против Бујар Османи, министер за надворешни работи во Република Северна Македонија и против редакцијата на веб-порталот 360stepeni.mk.

Според ММДЧП, на 27. октомври 2022 година, 360stepeni.mk објави отворено лажен, навредлив и клеветнички прилог за нив и за Бил Николов. Оттаму велат дека во интервју за БТВ, на 27. октомври 2022 година, кое беше објавено на 360stepeni.mk на 28. октомври 2022 година, Бујар Османи „изнесе целосно лажни, навредливи и клеветнички тврдења“. Дополнуваат дека министерот овие изјави против ММДЧП и Бил Николов ги изнел и за време на неговата прес-конференција на 11. ноември 2022 година.

Процесот го води судијката Јехона Садику. Судењето продолжува на 26. декември.