Украинците соборија три руски бомбардери

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и воени претставници изјавија дека силите на Киев вчера собориле три руски борбени авиони Су-34.

Руската војска не го коментираше инцидентот, но руските блогери ја потврдија загубата на авионите, додека аналитичарите велат дека најверојатно биле користени американски противвоздушни системи Патриот. Овие извештаи не се независно потврдени.

„Денеска напладне во јужниот сектор – уништени се три руски борбени авиони Су-34“, напиша командантот на украинските воздухопловни сили Микола Олешчук на комуникациската платформа „Телеграм“.

Во вечерната видео порака Зеленски ја пофали противвоздушната единица во областа Одеса за соборувањето на авионот во регионот Керсон.

Областа беше нападната во раните денови на инвазијата на Москва во февруари 2022 година. Украинските сили се обидуваат да ја вратат контролата врз изгубената територија и во ноември воспоставија позиции на источниот брег на реката Днепар во Херсон.

Еуразија Дејли, руска новинска агенција, објави дека тврдењата на Украина се веродостојни. Киев може да лансира ракети Патриот, кои имаат дострел до 160 километри против цели на голема височина, од западната страна на реката Днепар.

Инаку, украинската контраофанзива започната на истокот и југот на земјата во јуни не постигна голем напредок. Зеленски признава дека враќањето на териториите било побавно од очекуваното, но ги отфрли тврдењата на воениот командант, генерал Валериј Залужни, дека војната влегла во фаза која бара промена на тактиката.