Република Македонија не бара брза трака за членство, туку враќање во суштината на принципите на преговарачкиот процес, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи во своето обраќање на летната академија “Quo vadis Europa?”, во Сантандер, Шпанија која е организирана од страна на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Борел и Меѓународниот универзитет Менендез Пелајо.
Османи во денешниот говор истакна дека Македонија со започнати преговори по 17 години кандидат за членство во ЕУ, со 100% усогласено законодавство со надворешната и безбедносна политика на Унијата, активен чинител на регионалната соработка, одговорна и кредибилна НАТО членка, спремна и за уставни измени од Унијата во возврат бара почитување на вредностите и стандардите на Унијата.
“Предолго Македонија беше задржана поради прашања од минатото и историјата, а време е да почне да работи на нејзината иднина. Нашите граѓани од најголемите еврофили со над 90% поддршка за пристапување во ЕУ паднаа на 60% и ни треба да го смениме тој тренд. Да ја оживуваме европската идеја на Западен Балкан! Тоа е најдобрата идеја што ја има континентот со векови. На сите ни даде толку многу. Нејзината моќ на привлечност е сè уште добра, ни треба само да го најдеме вистинскиот начин да ја доближиме до крајните корисници – нашите граѓани. Им го должиме тоа!” порача Османи. Османи потенцираше и дека е потребна модификација и адаптација на пристапот на Унијата кон проширувањето, поради менливите геостратешки околности. Тој оценува дека е неопходна среднорочна визија за државите на Западен Балкан што би можело да се овозможи преку т.н. “Повеќе интеграција, пред членство” со цел повеќе предвидливост и динамика во процесот.