Маричиќ од Атина: Регионот забрзано се интегрира во ЕУ, нашиот избор е да бидеме дел од проширувањето

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во својата изјава по средбите во Атина со високите претставници на ЕУ истакна дека постои момент на решителност за ново проширување на Европската Унија и дека Македонија не смее да ја пропушти оваа шанса и повторно да чека.

– Пораката е јасна, државите од Западен Балкан што поскоро да се најдат во Европската Унија. Како никогаш до сега, постои момент и решителност за ново проширување на Европската Унија. Сите се свесни дека Европската Унија, ниту Европа не можат да бидат обединети без секоја држава од Западен Балкан да стане членка во Европската Унија, вели Маричиќ.

Маричиќ кој заедно со премиерот Ковачевски беше во официјална посета на Атина, по повод одбележувањето на 20 години од одржувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Солун и „Декларацијата од Солун“, во изјавата посочи дека на средбата со домаќинот, грчкиот премиер Мицотакис било потврдено цврстото сојузништво помеѓу Грција и Македонија и дека заложбата е како што сме заедно во НАТО и така треба да бидеме заедно и во Европската Унија.

На средбите со високите претставници на Европската Унија, Маричиќ рече дека биле поздравени уставните амандмани, со повик тој процес успешно да заврши со зрелост, одговорност и поддршка од сите политички партии во Собранието.

Нашиот пат кон Европската Унија е исцртан и тоа е тоа што граѓаните го сакаат. Наш е изборот, дали ќе ги направиме овие неопходни уставни измени и ќе тргнеме на патот кон Европската Унија и членство до 2030-та година или ќе останеме во чекалната, посочува Маричиќ.

Главниот преговарач со ЕУ Маричиќ во изјавата укажува дека „чекањето е стратегија којашто ќе ја испразни државата од млади луѓе и ќе ја убие надежта, надежта за подобра и за европска иднина“ и затоа како што вели тој „не смееме да дозволиме и не смееме да одиме против волјата на најголем дел од граѓаните Македонија да стане членка на Европската Унија што поскоро“.