Османи Садриу: Немам дилема дека Северна Македонија ќе ја поддржи интеграцијата на Косово во НАТО и ЕУ
– Со Северна Македонија не сме само географски соседи, туку ги делиме и истите вредности и предизвици. ЕУ и НАТО се дестинацијата каде сакаме да сме заедно. Овие два системи на вредности се модел и стандард кои ние треба да ги аплицираме во нашата држава и во нашиот регион, рече косовската претседателка Вјоса Османи Садриу во обраќањето во македонското Собрание.
– Нашиот регион има поминато многу премрежја и има едно болно минато, но и една оптимистичка иднина. Ние треба да го одржиме оптимизмот и верувањето, бидејќи местото што ни следува е во ЕУ и нема ниту една друга алтернатива. Немаме дилема, целиме кон евроатлантските структури, рече Османи Садриу.
Таа нагласи дека во процесот на интегрирање во ЕУ, Косово и Северна Македонија имаат соработка со цел стабилност и заеднички просперитет. Таа потсети дека пред неколку дена Косово доби визна либерализација која се одолговлекуваше, но, која на крајот се реализираше благодарение и на поддршката од Република Северна Македонија.
– Ова отвори ново поглавје во евроатлантската интеграција. Сега е цел интегрирањето во ЕУ и во најголемата воена алијанса што ја има видено човештвото – НАТО. Ние ќе работиме многу и ќе имаме можност да учиме од искуството на Северна Македонија. Во функција на добрите соседски односи нема ниту една дилема Северна Македонија ќе биде рамо до рамо со Косово, не само во процесот на зачленување во ЕУ и НАТО, но и во други меѓународни организации, рече косовската претседателка изразувајќи задоволство од можноста да се обрати во Собранието на, како што вели, првиот сосед на Косово.
Во контекст на глобалните движења, таа нагласи дека Косово и Северна Македонија се на страната на правото, демократијата, на страната на Украина и беа меѓу првите држави што воведоа санкции кон Русија поради агресијата врз Украина, наведувајќи дека поддршката за Украина ќе продолжи се додека таму нема слобода и мир.
Османи Садриу, меѓу другото, оцени дека иднината на соработката помеѓу Косово и Северна Македонија е многу значајна и има голем потенцијал, а се темели на почит, соработка.
Таа се заблагодари за солидарноста „на Албанците и граѓаните во Северна Македонија“, кои, како што рече, ги отворија срцата и своите домови и каде многу косовски граѓани добија дом или засолниште „во темните денови од времето на Слободан Милошевиќ во 1998 и 1999 година“.
Косовската претседателка подвлече дека албанскиот народ кој живее во Северна Македонија е и секогаш ќе остане силен мост на поврзување помеѓу двете држави и го подвлече нивниот придонес во, како што рече, „формирањето на Република Македонија и сега за нејзината европска перспектива“. – Тие се опфатени во раководни позиции, имајќи поголем пристап во државните институции, но секогаш има место да се направи повеќе, смета Османи Садриу.
Таа се осврна и на соработката во повеќе области, на значењето на употребата на албанскиот јазик за зачувувањето на идентитетот кој понатаму овозможува целосно интегрирање на Албанците во земјава, а особено на потенцијалите за економска соработка и трговската размена. Косовската претседателка особено го подвлече и значењето на инфраструктурното поврзување – изградбата на автопатот „Арбен Џафери“, именувано по, како што рече, „политичката икона во земјава“, до границата со Северна Македонија, изразувајќи надеж дека што поскоро ќе заврши и изградбата на делот на автопатот од Блаце до Скопје.
Османи Садриу меѓу другото посочи и дека државава има уште едно значење за Приштина, укажувајќи дека во Охрид беше постигнат договор за анексот за спроведување на европскиот договор за патот кон нормализација на односите помеѓу Косово и Србија.
– Косово придава големо значење на добрососедските односи, а односите со Северна Македонија се односи за пример. Затоа да продолжиме да сме добри соседи, да служиме за пример за добрососедство, за регионот и пошироко. Ние денес се среќаваме во Скопје, се надевам во блиска иднина со Северна Македонија и со регионот од Западен Балкан да се сретне во Брисел, во лулката на ЕУ. Колку што сакаме да ги направиме нашите држави европски, границите не делат, но Европа ќе не обедини. Господ да го благослови пријателството на Косово и Северна Македонија, рече претседателката на Косово Османи Садриу.
Претходно, Османи Садриу се сретна и со спикерот на Парламентот, Талат Џафери.
Во рамки на официјална посета на земјава таа имаше средба со нејзиниот домаќин претседателот Стево Пендаровски, од кого беше пречекана со највисоки државни и воени почести во „Вила Водно“. По заедничката прес-конференција со претседателот Пендаровски положија венци цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.