Без никакви дилеми остануваме на линија на позициите на сојузниците од НАТО за цврста и недвосмислена осуда на руската воена агресија врз Украина како директна закана за мирот и стабилноста во Европа.
Ова денеска го нагласи министерот за надворешни работи Бујар Османи во видео обраќање на панелот „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“ на вториот ден од годишната конференција „Година на нови можности“ што ја организира Владата.
Тој се осврна и на претседавањето на земјава со ОБСЕ, истакнувајќи дека тоа претставува историски момент за Северна Македонија, но и голем дипломатски предизвик, бидејќи се одвива во исклучително сложени меѓународни односи.
Османи додаде оти остануваме посветени на политиката на отворени врати на Јадранската повелба А5 со поддршка за нејзиното проширување со нови членки.
– Очекуваме да завршиме со скринингот до ноември оваа година, а имаме за цел да го отвориме и првиот кластер за преговори за членство во ЕУ. Нашето Собрание ќе има клучна улога во процесот на зачленувањето, затоа е важно сите политички сили да работат во овој правец, нагласи Османи, додавајќи дека во следната година ќе се залага за широка расправа со цел да се бориме против пропагандите.
Врвен приоритет, потенцира шефот на дипломатијата, ќе бидат добрососедските односи. Во однос на Бугарија, рече тој, имаме искрени намери, да го вратиме позитивниот тренд на дијалог и соработка воспоставен минатата година.
– Остануваме посветени да работиме на смирување на тензиите и деескалација на вжештената атмосфера, рече Османи, додавајќи дека за нас е важно да не дозволиме провокации од двете страни на границата.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќање на истиот Панел истакна дека нашата држава е безбедна затоа што сме дел од колективниот систем за безбедност.
– Дали Република Северна Македонија денес се наоѓа под некаков вид на закани, тоа е легитимно прашање кое се поставува. Од конвенционален тип на закани не, но денес и државава и светот, регионот особено, се соочуваме со разни закани. Бевме сведоци на бројните хибридни закани со кои се справивме, а регионот и ние се соочуваме со кибер напади. Сето тоа има една цел, а тоа е со употреба на овие методи да се предизвика рушење на стабилноста на институциите, а со тоа и на општеството, рече Петровска.
Според неа, улогата на институциите и на општеството е да изградат отпорност кон овие закани, затоа што успешноста на тој процес не зависи само од работата на институциите, туку и на и на општеството во целина.
Петровска се осврна и на руската инвазија врз Украина, потенцирајќи дека позициите на земјава во поглед на овој конфликт се јасни – не оправдуваме никаков вид на насилство особено не од овој тип – војна врз една суверена и независна држава.
На Панелот говореше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој рече дека во 2022 се бележи намалување на вкупниот број на кривични дела, односно на вкупниот криминалитет, како и зголемување на ефикасноста во борбата против криминалот и корупцијата.
– Имаме зголемување во ефикасноста скоро за 50 проценти, доколку споредиме со 2021 година, во делот на корупцијата. Јакне свеста на граѓаните кои се охрабруваат да пријават корупција. За делот на миграцијата ќе го споменам Договорот со ФРОНТЕКС, кој создаде трајна основа за заедничко справување со мигрантската криза. Тука се можностите за справување со последиците од кризата, нагласи Спасовски.