Османи – Џаин: Континуирана поддршка од Шведска за интеграција на Западен Балкан во EУ

– Актуелните претседавања на Шведска со Европската Унија и на Северна Македонија со ОБСЕ беа меѓу темите за кои денеска на средба разговараа министерот за надворешни работи Бујар Османи и шведската амбасадорка во земјава, Ами Ларсон Џаин.

Како што соопшти МНР, Османи и Џаин разговараа за зачленувањето на Шведска во НАТО и безбедносната состојба во Европа, за шведското претседавање со Меѓународна алијанса за сеќавање на Холокаустот (ИХРА) и соработката во билатералната и мултилатералната сфера, како и за најновиот развој на состојбите во Југоисточна Европа.

– Во својство на претседавач со ОБСЕ, министерот Османи информира за приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и се заблагодари за шведската продуктивна соработка и поддршка во рамките на ОБСЕ Тројката. Министерот Османи се заблагодари за шведската континуирана поддршка за интеграција на Северна Македонија и на Западен Балкан во целина во EУ, се наведува во соопштението на МНР.

Шефот на дипломатијата потсети дека при последното претседавање на Шведска со Советот на ЕУ, во втората половина на 2009 година, нашата земја ја доби визната либерализација и првата препорака на Европската комисија за почеток на пристапните преговори.

Притоа тој изрази уверување дека „со својата прагматична и политика ориентирана кон резултати, сегашното претседавање на Шведска, исто така, ќе остави позитивен белег во европската траекторија на нашата земја“.

 – Во актуелниот европски безбедносен контекст, беа разменети мислења за текот на активностите во насока на заокружување на процесот за полноправно членство на Шведска во НАТО, при што беше заемно констатирана важноста овој процес да се заокружи што побрзо со цел зацврстување на стабилноста и безбедноста на европскиот континент, наведува Министерството за надворешни работи.