Осмата јавна расправа за Законот за работни односи одржана во Кавадарци

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска беше присутна на осмата јавна расправа за Законот за работни односи, што се одржа во Кавадарци. 

Од Министерството за труд и социјална политика информираа дека пред присутните, претставници на работодавачи, синдикати и други релевантни чинители, била презентирана нацрт верзијата на Законот за работни односи. Оттаму нагласија, дека целта на јавните расправи е да се дојде до конструктивни коментари и критики, кои треба позитивно да влијаат при подобрување на текстот на документот.

– Тренчевска во своето воведно обраќање ја истакна важноста на јавните расправи, како и важноста на транспарентниот начин на креирање на овој документ, што, според неа, претставува устав за работничките права. Претставниците од работната група ги презентираа новините од предлог Законот за работни односи. Беа истакнати измените во колективните договори, инспекцискиот надзор и породилното отсуство, соопштија од Министерството за труд и социјална политика. 

На крајот од јавната расправа биле објаснети дел од забелешките на присутните и биле позитивно прифатени конструктивните коментари, особено од страна на групата на работодавачи.

–  Претставниците од работната група на законот, уште еднаш потврдија дека ова ќе биде документ, што треба да ги штити правата на работниците, но,  да биде и во согласност со барањата на работодавачите, информираа од Министерството за труд и социјална политика.