Останува ли Столтенберг или на чело на НАТО првпат ќе застане жена

Мандатот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, завршува во октомври годинава, а во политичките кругови веќе се разговара за новиот шеф на Сојузот во екот на големи тензии со Русија.

Како можен наследник на Столтенберг на чело на НАТО се споменуваат повеќе имиња, тоа се главно највисоки актуелни или поранешни претставници на земјите членки, а меѓу овие имиња е и Колинда-Крабар Китаровиќ, поранешната претседателка на Хрватска.

Аналитичарите веќе некое време најавуваат дека на чело на НАТО првпат во историјата може да застане жена, а меѓу кандидатките се естонската премиерка Каја Калас, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, словачката претседателка Зузана Чапутова, поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, канадската потпретседателка на Владата Кристија Фриланд и поранешната британска премиерка Тереза ​​Меј.

Во последните денови на листата на кандидатки е додадена и данската премиерка Мете Фредериксен. Нејзината посета на Вашингтон на 6 јуни и средбата со американскиот претседател Џо Бајден ги зајакнаа гласовите за нејзина можна кандидатура за шефица на НАТО.

Фредериксен, која има 45 години, стана најмлада премиерка на својата земја во 2019 година и моментно е еден од најсериозните кандидати за шефица на НАТО. Иако во неколку наврати кажа дека не претендира за тоа место. Фредериксен го привлекува вниманието поради сѐ поголемата поддршка на нејзината Влада за Украина и острата реторика против Русија.

Меѓутоа, на нејзината кандидатура во прилог не ѝ оди тоа што данскиот премиер нема висок профил во меѓународната заедница. Освен тоа, Данска во последните години беше на удар на критики поради палењето на Куранот и процените се дека Туркије може со сомнение да пристапи кон кандидатурата на Фредериксен бидејќи нејзината Влада не е во состојба да спречи такви инциденти.

Иако идејата за жена на чело на НАТО имаше поддршка од многу членки со месеци, актуелната ситуација во Европа, особено рефлексиите од војната во Украина, доведе до тоа првите двајца кандидати да се сепак уште мажи, и тоа шпанскиот премиер Педро Санчез и британскиот министер за одбрана Бен Валас.

Се споменуваат и имињата на романскиот претседател Клаус Јоханис и холандскиот премиер Марк Руте.

Актуелниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на таа функција е од 1 октомври 2014 година. Мандатот на поранешниот норвешки премиер Столтенберг е веќе трипати продолжуван, а сѐ поголеми се изгледите тоа да се повтори уште еднаш и тој да остане на чело на НАТО.

Аналитичарите тврдат дека мнозинството земји членки на НАТО сакаат да го продолжат мандатот на Столтенберг за да не влегуваат во меѓусебни спорови околу изборот на новиот челник на НАТО во екот на максималните тензии со Русија.

Наводно и самиот Столтенберг сака да остане на функцијата додека и Шведска не стане постојана членка на Сојузот.

Столтенберг непосредно пред почетокот на рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година најави дека ќе стане шеф на Централната банка на Норвешка. Набргу потоа му беше продолжен мандатот и тој остана на чело на НАТО.

Генералниот секретар на НАТО е атрактивна функција што традиционално им се доверува на Европејците, и тоа на челниците на државите и владите на „стариот континент“.

Мандатот на генералниот секретар е четири години и назначувањето мора да го одобрат сите членки.

Досега на чело на НАТО трипати беа Британци, по двапати Белгијци, Холанѓани и Италијанци и по еден челник од Германија, Шпанија, Данска и Норвешка.

ТРТ БАЛКАН