– Шефот на американското министерство за одбрана Лојд Остин вчера вети поддршка за Украина во нејзината војна против Русија.
„Се приближуваме кон втората година од руската сеопфатна инвазија на Украина. САД и нашите сојузници и партнери долго ќе стојат покрај Украина“, рече Остин на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.
Остин истакна дека сојузниците ја повториле трајната посветеност за „слободна и суверена Украина“.
„Речиси две години по (рускиот претседател Владимир) Путиновата неиспровоцирана инвазија на Украина, најсериозната закана за трансатлантската безбедност со децении, НАТО стана посилен и пообединет од кога било“, нагласи Остин.
Тој додаде дека САД ќе продолжат да ги зајакнуваат своите врски со „длабоко ценетите“ сојузници додека се приближува Самитот по повод 75-годишнината на НАТО во Вашингтон.
Американскиот Сенат во вторникот го одобри пакетот помош од 95,34 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван со 70 спрема 29 гласови, надминувајќи го прагот од 60 гласа што последните години беше потребен за одобрување.