Остин: Нема сомнеж – Украина ќе влезе во НАТО по завршувањето на војната

– Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, денеска изјави дека „нема сомнеж“ дека Украина ќе влезе во НАТО по завршувањето на војната со Русија.

-Не се сомневам дека тоа ќе се случи и слушнавме дека речиси сите земји во просторијата го кажуваат истото, рече Остин во интервју за Си-ен-ен по дводневниот самит на НАТО во Вилнус, каде што доминираше прашањето кога Киев да и пристапи на Алијасната.

Според него, потребно е да се подобрат и други работи, како што се реформите во судството и демократските стандарди.

На прашањето колку Украина е блиску до исполнување на стандардите на НАТО, Остин кусо кажа „уште има работа“.

„Што се однесува до обуката и опремата, има уште работа. Но, ние сега ја работиме оваа работа додека тие ја водат оваа војна и работите се завршени до оваа точка. Треба да се направи уште повеќе за да се обезбеди целосна, комплетна способност“, посочи американскиот министер.

Претседателот Бајден претходно во минатонеделно интервју за Си-ен-ен истакна дека Украина не е подготвена да се приклучи на НАТО и дека руската војна во Украина треба да заврши пред Алијансата да размисли за пристапување на оваа нападната земја во воениот сојуз.