– Во фоајето на тетовскиот Центар за култура „Иљо Антески – Смок“ од вечерва се изложени 56 дела на исто толку уметници – учесници на колективната ревијална изложба „Пролетен салон 2023“, во организација на Здружението на ликовни уметници на град Тетово. Изложени се дела од областа на сликарство, вајарство, графика, графички дизајн и фотографија.
На свеченото отворање вечерва, Здружението на ликовни уметници на град Тетово заедно со Центарот за култура, постхумно доделија плакета – благодарница на семејството на академскиот сликар Александар В. Настески, кој почина во јануари оваа година. На изложбата за првпат е претставено и неговото дело „Македонија – ера на кладенките“.
– Академскиот сликар Александар В. Настески беше еден од основачите и вреден член на Здружението. Нека е вечен споменот за него, кој пет децении создаваше дела и го претставуваше нашиот град и Здружението со многу изложби во повеќе држави, порачаа од Здружението.
Ивана Настески, ќерка на Александар, а воедно и учесник на изложбата со нејзината слика „Ден и ноќ“, рече дека ѝ е чест што добива благодарница.
– Татко ми беше еден од основачите на Здружението на ликовни уметници на град Тетово како и еден од основачите на ликовното студио при Домот на култура „Иљо Антески – Смок“, истакна таа.
Учесниците на изложбата ги поздрави и тетовскиот градоначалник Биљал Касами.
– Чест ми е да бидам дел од оваа изложба и тоа што Тетово станува важна точка во областа на уметноста на национално ниво и пошироко. Затоа на сите ликовни уметници им посакувам успех и на светско ниво, додаде градоначалникот.
Покрај уметници од Тетово, со свои дела се претставени и артисти од други градови низ државата, како и од земјите во опкружувањето.