Отворени гласачките места во вториот круг од претседателските избори во Турција

Повеќе од 64 милиони граѓани на Турција со право на глас во вториот круг избираат меѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кандидатот на Народната алијанса и кандидатот на опозициската Национална алијанса, Кемал Киличдароглу.

Избирачките места низ Турција беа отворени утринава во 8 часот по локално време (7 часот по средноевропско време), што го означи почетокот на гласањето во вториот круг од претседателските избори во земјата.

Повеќе од 64 милиони граѓани на Турција со право на глас во вториот круг избираат меѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кандидатот на Народната алијанса и кандидатот на опозициската Национална алијанса, Кемал Киличдароглу.

Во вториот круг од изборите право на глас ќе имаат дополнителни 47.523 гласачи, кои во меѓувреме наполниле 18 години.

Во првиот круг од изборите одржани на 14 мај, Ердоган освои 49,5 отсто од гласовите, а лидерот на турската опозиција Кемал Киличдароглу собра 44,89 отсто од гласовите.

Народната алијанса на Ердоган предводена од владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија) освои мнозинство во државниот парламент во првиот круг.

Гласањето на избирачките места надвор од државата и на граничните премини, во вториот круг, започна на 20 мај.

Во средата заврши гласањето во дипломатските претставништва на Република Турција во странство, во вкупно 73 земји. Гласањето на граничните премини продолжува до затворање на редовните избирачки места, денеска до 17 часот.

Според Врховната изборна комисија на Турција, повеќе од 1,92 милиони луѓе гласале во турските странски мисии и гранични премини до 16 часот по локално време во саботата во вториот круг од изборите.

Според соопштението на Врховната изборна комисија на Турција, истиот ден, по затворањето на гласачките места, ќе бидат објавени и првите прелиминарни и неофицијални резултати од вториот круг на претседателските избори.