ОФИЦИЈАЛНО ПОТВРДЕНО – “Да, 2023 година беше најтопла година досега во историјата!“

Изминатата 2023 година беше најтоплата година досега, за што придонесоа невидените глобални температури од јуни наваму, објави службата за климатски промени Copernicus („Коперник“), која ја спроведува Европскиот центар за временски прогнози со среден опсег во име на Европската комисија.

Така, 2023 година ја престигна 2016 година, која претходно беше забележана како најтопла година во историјата.

Температурите на површинскиот воздух соборија неколку светски рекорди во 2023 година, а најраните знаци за тоа колку необична ќе стане 2023 година почнаа да се појавуваат на почетокот на јуни, кога температурните аномалии во споредба со прединдустриските нивоа од 1850-1900 година, достигна зголемување за 1,5°C неколку дена по ред.

Иако не е првпат дневните аномалии да го достигнат горенаведеното ниво, тоа никогаш досега не се случило во овој период од годината. Во остатокот од 2023 година, глобалните дневни температурни аномалии над 1,5°C станаа редовна појава, така што речиси 50 отсто од деновите во 2023 година имале температура повисока од 1,5°C во споредба со референтното ниво од 1850-1900 година.

Заменик-директорката на службата за климатски промени на CopernicusСаманта Бурџис, вели дека климатските рекорди паѓаат како домино во 2023 година, а температурите во текот на 2023 година веројатно ќе ги надминат оние од кој било период во најмалку последните 100.000 години.

Тоа не значи дека сме ги надминале границите поставени со договорот од Париз, бидејќи за тоа денешните температури треба да бидат повисоки од наведениот просек во континуитет најмалку 20 години, но тоа е страшен преседан, се вели во соопштението.

Критичен двигател на необичните температури на воздухот во текот на 2023 година беа невидените високи температури на површината во океанот. Глобалните просечни температури на морската површина за периодот меѓу април и декември беа највисоки за тој период од годината во базата на податоци од 1979-2022 година (ERA5).

Главниот долгорочен двигател на високите температури на океаните е континуираното зголемување на концентрациите на стакленички гасови, но дополнителен фактор што придонесува во 2023 година беше јужната осцилација на Ел Нињо (ENSO).

ENSO е модел на природна климатска варијабилност во која температурите на океаните во централниот и источниот тропски Тихи Океан флуктуираат помеѓу поладни (Ла Ниња) и потопли (Ел Нињо) од просечните услови.

Сепак, самото преминување кон Ел Нињо не го објаснува целото зголемување на глобалните температури на површината на океаните во 2023 година, бидејќи високите температури на површината на морето надвор од екваторијалниот Пацифик значително придонесоа за рекордните глобални температури на површината на морето.

Извештајот на Copernicus нагласува, на пример, дека 2023 година е најтоплата календарска година во податоците за глобалната температура од 1850 година, дека имала просечна глобална температура од 14,98 °C и дека била за 1,48 °C потопла од прединдустриските нивоа во 1850-1900 година.

Секој месец од јуни до декември 2023 година бил потопол од соодветниот месец од која било претходна година, а јули и август 2023 година биле двата најтопли месеци досега.

2023 година беше извонредна за морскиот мраз на Антарктикот: за осум месеци достигна рекордно ниско ниво за тоа време од годината.

Концентрациите на јаглерод диоксид и метан во атмосферата продолжија да растат и достигнаа рекордни нивоа во 2023 година, 419 делови на милион (ppm) јаглерод диоксид, или 2,4 ppm повеќе од 2022 година. Исто така, тие достигнаа рекордни концентрации на метан: 1902 делови на милијарди (ppb), односно 11 ppb повеќе отколку во 2022 година.

Copernicus е дел од вселенската програма на Европската унија, финансирана од земјите на ЕУ и е нејзина водечка програма за набљудување на Земјата која работи преку шест тематски услуги: атмосфера, климатски промени, итни случаи, копно, море и безбедност. Обезбедува слободно достапни оперативни податоци и услуги, обезбедувајќи им на корисниците сигурни и ажурирани информации поврзани со нашата планета и нејзината околина.