Павел: Украина не може да стекне воена надмоќ, времето оди во прилог на Русија

 Сегашната ситуација на бојното поле не укажува на тоа дека Украина може да стекне воена надмоќ и времето сега оди во прилог на Русија, изјави денеска чешкиот претседател Петр Павел, наведувајќи дека преговорите би можеле да започнат следната година.

Павел, сепак, истакна дека Западот мора да истрае во поддршката на напатената Украина, пишува чешкиот весник „Новинки“.

„Можеби ќе има почеток на преговори следната година, бидејќи развојот на настаните не укажува на тоа дека украинската страна би можела да биде воено супериорна. Времето сега оди во прилог на Русија, која има посилна мобилизациска база за човечки ресурси. Добивајќи на време, таа ќе може да ги надополни резервите на материјални ресурси што им недостигаа. Гледаме масовни испораки од Северна Кореја, гледаме напори за заобиколување на санкциите“, го оцени развојот на воениот конфликт, Павел, поранешен началник на Генералштабот на чешката армија. и поранешен претседател на Воениот комитет на НАТО.

Според него, евидентно е дека Русија се обидува да го продолжи конфликтот што е можно подолго.

Павел смета дека и Русија може да го чека и исходот од претседателските избори во САД, кои ќе се одржат во ноември следната година и дека тие би можеле да ја разнишаат подготвеноста да и се помогне на Украина и снабдувањето со оружје.

„Ситуацијата очигледно не е позитивна. Она што треба да биде позитивно за Украина е тоа што ние сме на нивна страна и треба да ги поддржиме во постигнувањето на нивните цели. Од наша страна, немаме друг избор освен да истраеме на нашата поддршка“, рече Павел.

Тој рече дека Западот ќе мора да го стори тоа додека самите Украинци не се одлучат за следниот чекор.