ПАДНА “БАЛКАНСКАТА РУТА“ ВО ГЕРМАНИЈА – Во полициска акција уапсени тројца членови на бандата кои вршеле трговија со луѓе од Србија
Во рација против шверцери на луѓе, полицијата во Германија во вторник уапси тројца членови на десетчлена банда составена од државјани на Германија, Сирија, Полска и Србија, кои се осомничени дека пренесувале илегални мигранти преку т.н. Балкански рути до Германија.
Во Берлин е уапсен 30-годишен Сириец, кој е осомничен дека пролетта годинава предизвикал сообраќајна несреќа во која полесно се повредени шест бегалци додека ги превезувал со комбе преку полско-германската граница.
Во сојузните покраини Бранденбург и Саксонија-Анхалт полицијата уапси двајца германски државјани кои освен со шверц на луѓе се занимавале и со нелегална трговија со дрога.
Другите членови на бандата се на слобода. При претресот пронајдена е и поголема количина дрога, оружје и пари.
Членовите на бандата се осомничени од полицијата за организирано префрлање на најмалку 60 илегални мигранти од Србија преку Унгарија, Словачка и Полска во Германија. Според информациите на медиумите, мигрантите платиле по 1.100 евра за превоз од Србија до Германија.
Пред неколку недели, поради поместувањето на балканската рута преку Полска и Чешка, Германија воведе гранична контрола со овие земји.
Владата во последните недели најавуваше мерки со кои треба да се намали бројот на бегалци кои од почетокот на годината се повеќе доаѓаат во Германија.