Пакистан ќе им суди на насилните поддржувачи на поранешниот премиер Кан според армиските закони

 На илјадници приврзаници на поранешниот пакистански премиер Имран Кан, според законите на армијата на земјата, ќе им се суди  за смртоносните немири што следеа по неговото апсење минатата недела.

Врвните пакистански политички и воени лидери „не ветија попустливост кон тие кои беа вклучени во нападите врз безбедносните инсталации“, се вели во соопштението на кабинетот на премиерот.

„Ќе има нулта толеранција против насилството“, се вели во соопштението објавено доцна синоќа по состанокот на Комитетот за национална безбедност на премиерот Шехбаз Шариф.

Комитетот го сочинуваат и началниците на армијата и на разузнавачките служби и е овластен да донесува одлуки за прашањата за безбедност и тероризам.

Според полицијата, повеќе од 4.000 поддржувачи на Кан биле уапсени откако упаднале во штабот на армијата, ја запалиле резиденцијата на командантот, како и јавни и приватни возила.

Кан, кој беше сменет минатата година од Парламентот преку гласање недоверба, минатата недела беше уапсен од телото за борба против корупција под обвинение за корупција, но судот нареди негово ослободување по два дена.