Палестинското Министерство за здравство е загрижено поради исклучувањето на горивото од хуманитарната помош

 Палестинското Министерство за здравство во Газа објави соопштение во кое нагласува дека исклучувањето на гориво од хуманитарната помош што пристигнува во Газа ќе ги доведе во опасност животите на болните и ранетите.

„Апелираме до меѓународната заедница и Египет веднаш да се вклучат во испораката на гориво и итни медицински материјали пред да бидат изгубени повеќе човечки животи во болниците“, се вели во соопштението.

Израелската армија претходно денеска објави дека хуманитарната помош што влегува во Појасот Газа ќе оди само на југот на енклавата, каде што претходно ги повика палестинските цивили да се евакуираат.

Портпаролот на израелските одбранбени сили Даниел Хагари изјави дека нема да има гориво во хуманитарната помош.

Утрово египетски хуманитарен конвој од 20 камиони влезе во Појасот Газа преку граничниот премин Рафа, кој, според Си-Ен-Ен, бил затворен веднаш потоа.