Палестинци упаднаа во магацините за храна на ОН: Зграпчуваат се што можат, очај владее насекаде (ВИДЕО)

Во Газа доаѓаат уште 40 камиони со помош, но тоа не е доволно

Илјадници жители на Појасот Газа упаднаа во магацините и дистрибутивните центри на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА) за да земат брашно и „основни предмети за преживување“ , соопшти УНРВА.

– Ова е загрижувачки показател дека општествениот поредок почна да се урива, три недели по почетокот на војната и опсадата на Газа – објави УНРВА.

Едно од засолништата се наоѓа во Деир ал-Балах, каде што УНРВА складира прехранбени производи што пристигнале од хуманитарни конвои кои дошле во Газа од Египет .

Испораките на помош за Газа беа прекинати откако Израел почна да бомбардира густо населени делови од палестинската енклава по смртоносниот напад на милитантната група Хамас во јужен Израел на 7 октомври. 

Израел потоа одговори со силни воздушни напади и блокада на Појасот Газа, при што досега загинаа повеќе од 8.000 Палестинци.

Во Газа доаѓаат уште 40 камиони со помош, но тоа не е доволно

Претставникот на Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP) и шеф на канцеларијата за Палестина, Самер Абделјабер изјави дека денеска се очекува да влезат уште 40 камиони со помош во Појасот Газа.

– Сепак, морам да истакнам и дека тоа не е доволно бидејќи потребите се огромни во овој момент во Газа. Ни треба повеќе од тоа – рече Абделјабер. 

Тој објасни дека тие 40 камиони со помош ги задоволуваат дневните потреби на еден милион луѓе, а на два милиони луѓе им требаат по 100 камиони храна секој ден.

Според него, помошта што пристигнува во Газа вклучува храна, вода и медицински материјали, но не и гориво.