– Кандидатот за градоначалник на единствената македонска општина во Албанија Пустец, Панди Јани обвини дека актуелната локална власт започнала да врши притисок врз општинската администрација и ги повика граѓаните да не плашат и слободно да го дадат својот глас.
– Локалните власти исплашени од поразот што им следува на 14 мај, започнаа да вршат притисок врз општинската администрација. Ги повикувам сите вработени во општинската администрација и општински претпријатија да не подлегнуваат на никаков притисок затоа што по 14 мај следуваат промени и целосно ослободување на општината од сите партиски стеги, напиша Јани на Фејсбук.
Тој порача „не подлегнувајте на притисоци затоа што општината е на сите граѓани и не е приватна сопственост на градоначалникот или на кој било друг“.
Општината, посочува, им припаѓа на граѓаните, а граѓаните го избираат градоначалникот за да им служи и да им ги олеснува проблемите, а „не како во случајот, исплашени од поразот посегнаа да вршат притисок врз вработените во администрацијата“.
– Почитувани мои сограѓани, промени се случија насекаде на Балканот. Во Македонија, Косово, Црна Гора, Бугарија и други држави, па следуваат промени на локално ниво и во Албанија, општина Пустец по 14-ти мај ќе добие нов градоначалник. Ветувам и се обврзувам дека чесно и со љубов ќе ја вршам функцијата, а од Мала Преспа конечно да направиме модерна општина, порача тој.
Панди Јани е кандидат на Партијата на слободата на поранешниот албански претседател Илир Мета, која ја предводи изборната коалиција „Заедно победуваме“.
Тој е противкандидат на актуелниот градоначалник Пали Колефски, кој е кандидат на владејачката Социјалистичка партија поддржан од Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.