Папата Франциско со јасна порака: “Доста е! Војните се секогаш пораз“

Папата Франциско во неделата повика на отворање на хуманитарни коридори за помош на Палестинците под опсада во Појасот Газа и го обнови апелот за ослободување на заложниците кои ги држеше милитантната исламистичка група Хамас.

Силно се молам децата, болните, постарите и жените и сите цивили да не станат жртви на конфликтот“, порача тој во своето неделно обраќање пред илјадниците собрани на плоштадот „Свети Петар“.

Нека се почитуваат хуманитарните права, пред се во Појасот Газа, каде што е итно и многу неопходно да се гарантираат хуманитарни коридори за помош на целото население“, кажа Светиот Отец.

Франциско го кажа ова додека Израел ги подготвува своите сили за копнен напад како одмазда за нападите без преседан кога борците на Хамас во израелските градови застрелаа деца, жени, старци и мажи и земаа заложници.

Толку многу веќе загинаа. Ве молам, не дозволувајте повеќе да има пролевање на невина крв, ниту во Светата земја, ниту во Украина, ниту каде било на друго место. Доста е! Војните секогаш се пораз, секогаш“, нагласи тој.

Тој повика на молитви за искоренување на ѓаволската моќ на омразата, тероризмот и војната, а верниците од целиот свет да им се придружат на католиците во Светата земја во вторник во ден на пост и молитва за мир.

Во петокот Ватикан понуди да посредува во конфликтот. Кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Ватикан, кажа дека нападот на Хамас врз израелските граѓани е нехуман.

Алудирајќи на израелскиот одговор и очекуваниот копнен напад, Пјетро Паролин кажа дека право на нападнатите е да се бранат, но дека дури и легитимната одбрана мора да ги почитува параметрите на пропорционалност.