Папа Франциско: “Четирите гревови на новинарството се дезинформација, клевета, ширење гласини и склоност кон скандали“
Папата Франциско ги осуди денес „дезинформациите“ и лажните вести, кои, во обид да се влијае на јавното мислење, според него, претставуваат „прв грев на новинарството“.
„Дезинформациите се првиот од гревовите, од грешките, ајде да го наречеме тоа така – на новинарството“, порача папата за време на аудиенција во Ватикан во рамки на доделувањето на новинарските награди на кои присуствуваа италијански новинари.
„Дезинформацијата е еден од гревовите на новинарството, а има четири: дезинформација – кога новинарот не информира или дезинформира; клевета, која понекогаш се користи; ширење гласини, кое е различно од клеветата, но сепак уништува; и четврти е склоност кон скандали“, вели Светиот Отец.
Посочи дека е загрижен, на пример, за манипулациите со кои се служат тие кои шират лажни вести настојувајќи така да влијаат врз јавното мислење. Тој повика на „зголемена одговорност“ во драматичната ситуација низ која поминува Европа, со оглед на продолжувањето на војната во Украина.
„Се надевам дека ќе се овозможи и ќе му се даде простор на гласот на мирот и на тие кои се ангажирани за ставање крај на скандализирањето на овој конфликт, како и на многу други, ќе им се овозможи и ќе им се даде простор“, кажа папата.
86-годишниот аргентински папа, кој следната недела треба да отпатува за Монголија, од својот избор до денеска даде бројни интервјуа и покажа многу поголема спонтаност од неговиот претходник Бенедикт XVI.