ПАРИЗ СЕ ПОДГОТВУВА ЗА СЕНЗАЦИЈА – Градоначалничката на француската престолнина вети чиста Сена пред почетокот на Олимписките Игри: “Во јули ќе се капеме во реката!“

Првпат по пауза од сто години локалното население и туристите во Париз ова лето ќе можат да се капат во реката Сена која ќе биде исчистена пред почетокот на Олимписките Игри, најави денес градоначалничката на француската престолнина Ан Идалго.

Сена официјално е забранета за капење од 1923 година, иако до почетокот на 60-те години од минатиот век можеа да се забележат похрабри капачи во водите на реката која минува низ Париз.

Во склоп на подготовките за летните Олимписки Игри во Париз, на кој дел од пливачките натпреварувања треба да се организираат во водите на Сена, француските власти досега вложија 1.4 милијарди евра за почиста Сена на поширокото подрачје на Париз. Најголем дел од средства се потрошени во модернизација на колекторот за прочистување и поврзување на канализациската мрежа на голем број објекти кои досега нечистата вода ја исфрлаа директно во реката.

Во јули ќе се капеме во Сена“, порача Ан Идалго на денешниот новогодишен прием во Градското Собрание, и, притоа, го повика првиот човек на париската полиција Марк Гиком да ѝ се приклучи во тој историски скок во вода.

Ветениот скок во вода на Ан Идалго доаѓа по повеќе од 30 години од ветувањето на покојниот градоначалник на Париз, а потоа и претседател на Франција, Жак Ширак, кој уште во 1990 година кажа дека жителите на Париз почнувајќи од 1993 ќе можат да се капат во Сена.

По одржување на Олимписките Игри чиј домаќин ќе биде Париз од 26. јули до 11. август, планирано е Сена целосно да биде отворена за капење за жителите на францискиот главен град од 2025 година. Планирано е уредување и на две јавни плажи, од кои едната ќе биде во непосредна близина на Ајфеловата кула