Полицијата во Грција фрли солзавец врз пропалестинските демонстранти

 – Пропалестински протести се одржаа во Атина, главниот град на Грција, каде што народот се собра барајќи прекин на војната во Газа.

Полицијата употреби солзавец во интервенцијата врз демонстрантите кои се обидоа да го блокираат патот.

Демонстрантите се собраа на централниот плоштад Синтагма пред зградата на грчкиот Парламент, од каде испратија пораки за поддршка за Палестина.

Толпата извикуваше пароли како „Слобода за Палестина“ и „Рацете подалеку од Рафа“.

Во еден момент дошло до тепачка меѓу полицијата и демонстрантите пред египетската Амбасада во Атина кога демонстрантите се обиделе да го блокираат патот, но полицијата интервенирала, како што наведе, со солзавец врз насобраната група.

Израелската војска во вторникот наутро соопшти дека нејзините сили ја презеле контролата врз палестинската страна на граничниот премин Рафа.

По најавата на палестинската група Хамас за прифаќање на катарско-египетскиот предлог за прекин на огнот во Газа, израелскиот воен кабинет одлучи да ја продолжи операцијата во Рафа со цел да се изврши воен притисок врз Хамас за да се напредува во ослободувањето на заложниците и за други воени цели.

Израелската Армија издаде итна наредба за евакуација на Палестинците во источните населби на Рафа и ги повика да се преселат во градот Ал-Маваси во јужниот дел на Газа.

Рафа е дом на повеќе од 1,5 милиони раселени Палестинци кои избегаа од војната откако Израел започна брутална воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.

Оттогаш, во израелските напади загинаа повеќе од 34.700 Палестинци, главно жени и деца во услови на масовното уништување и големиот недостиг на неопходни средства.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.