– Патријарсите и црковните поглавари во Кудс (Ерусалим) го осудија нападот на Израел на баптистичката болница „Ал-Ахли“ во Газа и нагласија дека тоа претставува „длабоко кршење на принципите на човечност“.
Патријарсите и црковните поглавари во Кудс вчера се собраа за да разговараат за израелскиот напад на болницата, во кој загинаа стотици Палестинци.
Во заедничката пишана изјава дадена по состанокот се наведува дека христијанските духовни лидери ја делат болката поради овој „одвратен масакр“.
Во изјавата се наведува дека болниците според меѓународното право се сметаат за „свети засолништа“.
„Изјавуваме дека ова гнасно злосторство, кое претставува длабоко кршење на принципите на човечност, бара најстрога меѓународна критика и одговорност“, се вели во писмената изјава.
Се истакнува дека нападот се случил на ден на пост и молитви, кога христијаните во Палестина повикале на мир и прекин на војната во Газа.
Во соопштението се нагласува потребата меѓународната заедница да ги заштити цивилите и да обезбеди такви злосторства да не се повторат и дека во потполност се солидаризираат со палестинскиот народ погоден од овој напад, што се опишува како „незамисливо грозен“.
„Едногласно бараме од нашите пријатели и партнери низ светот да бидат покрај нас во овие тешки околности“, се вели во соопштението.
Во израелскиот напад на баптистичката болница „Ал-Ахли“ во Газа загинаа 471 лице, а 342 се ранети, од кои 28 потешко.
Газа веќе преживува тешка хуманитарна криза бидејќи нема струја, а водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.