Пендаровски: Ако до крајот на годината нема двотретинско мнозинство за уставните измени, за тоа да одлучува следната коалиција и Парламент
Претседателот на државата Стево Пендаровски смета дека доколку нема двотретинско мнозинство за уставните измени до крајот на годината, за нив треба да одлучува идната коалиција и новиот парламентарен состав.
-Јас сум тој првиот кој јавно рече јас сум за францускиот предлог бидејќи тоа не ја руши Македонија. И јас ќе бидам до крај за тоа да ги направиме уставните промени час поскоро. Не бегам од тоа. Втората страна е, ако немаме шанса да дојдеме две третини, ако под претпоставка не можеме да го направиме ова првото денес, утре, задутре… до крајот на годината, да ја мавнеме таа работа, да ја ставиме ад акта и да му дозволиме на утрешниот парламентарен победник и коалиција да се занимава со тоа прашање. Бидејќи знаете со сила убавина не бива, рече Пендаровски во интервју за Вин-Вин на ТВ Телма.
Според претседателот на државата, во моментот има најголема поделба на македонското ткиво од деведесетите до денес.
Зборувајќи за уставните измени, Пендаровски оцени дека земјата изгуби година и половина на уставните измени иако се знаеше дека нема две третини во Парлментот за нивно носење, време кое можевме да го посветиме на внатрешни реформи. Претседателот рече дека тој е единствениот од актуелната политичка гарнитура кој една година наназад зборува дека требаше да се направи проценка по изгласувањето на францускиот предлог во Собранието дека нема шанса да се направи двотретинско мнозинство, што се гледа прилично брзо при консултација со пратеничките групи, и тоа прашање требаше да се тргне на страна и многу повеќе да се занимаваме со реформите внатре.
-Меѓутоа владата реши поинаку. Од тогаш до денес, јас сум единствениот кој реалистично кажува дека не гледам никакво приближување на двата блока за да се дојде до таа фамозна бројка од 80. Денеска не сме поблиску до 80 од тоа што бевме пред два месеца или пред 12 месеци, изјави претседателот.
Пендаровски не смета дека треба да се откажеме, бидејќи тешко се приближуваат ставовите, но, според негово убедување, изгубивме многу време, политички, занимавајќи се со прашањето за Бугарија и Бугарите во Уставот.
-Навистина мислам дека изгубивме време за едно прашање кое е бенигно по својата содржина и јасно што ќе значи ако го направиме како чин и ги ставиме Бугарите во уставот, меѓутоа наместо да направиме приоретизирање на темите, ние, речиси, година и половина се занимаваме само со Бугарија и тоа е изгубено време, рече Пендаровски.