Пендаровски: Без уставни измени до ноември државата нема да се дестабилизира, но демократски ќе се уназади
Претседателот на државата Стево Пендаровски вели дека како и претходно, и денес е реалист во однос на очекувањето дали измени на Уставот ќе се случат до ноември. Рече дека ако не се случат дотогаш нема опасност од дестабилизација на државата, но дека е можно драстично демократско уназадување и економско стагнирање.
-Не можам да кажам дека нема да бидат, не ги знам евентуалните комуникации, ако постојат, кои луѓе од Владата или меѓународни посредници можеби ги имаат со двете страни. Можеби тука нешто ќе се промени. Но, гледам дека позицијата на опозицијата е прилично тврда, а искуството ме учи дека кога се приближуваме кон избори, а изборите се за седум до десет месеци од денес, многу тешко го менувате тој став кој ви носи партиски поени. Овој став на главната опозициска партија е од чисто партиски резон, за да добијат гласови, особено кај етничките Македонци, рече Пендаровски во интервју за емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24.
Не гледа приближување и реалната состојба денес, рече, е дека позициите на двата главни политички блока во Парламентот се еднакво далеку еден од друг како што беа и пред една година или пред пет-шест месеци.
Смета дека „не е никаков проблем, ниту опасно за стабилноста, перспективите и иднината на Македонија Бугарите да бидат една од 12-13 заедници кои ги имаме или ќе ги имаме во Уставот“.
-Ако 3 500 луѓе што живеат во Македонија се проблем, тогаш не знам што друго би било реален проблем што би ни се заканувал, рече Пендаровски.
На прашањето какви би биле реперкусиите ако до крајот на ноември не се остварат уставни измени, шефот на држава одговори дека изјавите дека би можеле да останеме во последната група или подгрупа од Западниот Балкан за интегрирање не е закана, туку легитимна политичка проценка.
-Но, пред извесен период имаше изјави од некои политички актери кои велеа дека ако сега не продолжиме кон интеграции во Европа, дека можеби некои општини со доминантно албанско население би можеле да побараат сопствен пат кон Европа. Настрана што тоа е невозможно, но тоа се неодговорни политички изјави и непотребно го заплашуваат народот бидејќи такво нешто е невозможно. Такви слични изјави имавме слушано во 2008 и 2009 во однос на НАТО-интеграциите. Никаква дестабилизација на Македонија нема да се случи сигурно. Ако не се случи во 2008, кога на самитот во Букурешт бевме одбиени за членство во НАТО, нема никаква причина дека сега, ако не продолжиме кон Европа, би се случила таква безбедносна дестабилизација, рече Пендаровски.
Но, укажа дека може да се случи намалување на економската активност и како што рече, „да се отвори широко врата за популистички и националистички политички структури“.
-Тие би можеле да дојдат конечно на власт и да почнат во пракса да ги спроведуваат своите концепти за БРИКС, за некои алтернативи на ЕУ и на западната алијанса во целина, што знаеме каде ќе не одведе. Значи, во смисла на демократијата можеме да назадуваме драстично, како што назадувавме од 2008 до 2016, кога Европската комисија рече дека Македонија е заробена држава. Тоа може да ни се случи и сега – уште поголемо економско стагнирање и, неспорно, демократско уназадување, што се два битни параметри за да имате релативно задоволни граѓани, рече Пендаровски