Фактот дека човештвото се соочува со огромна климатска криза не е нов. Свет уништен од климатските промени би бил свет погоден од незамисливо човечко страдање. А непроценливата неправда е во тоа што најранливите нации, популации и сектори би биле несразмерно погодени. Најпрво доаѓаат ранливите нации, истакна денеска македонскиот претседател Стево Пендаровски, во говорот во рамки на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени COP 28 која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.
Во своето обраќање, претседателот Пендаровски посочи дека Северна Македонија, сместена во еден од најранливите климатски региони во светот, Медитеранот, е мала земја со големи климатски амбиции. Посочи дека цел на земјата е да ги намали за 82% нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година.
“Ова не е лесна задача. Електраните на јаглен се наш главен извор на електрична енергија, но и најголеми загадувачи кои влијаат и на климата и на здравјето. Дилемата е како постепено да се исфрли јагленот без да се загрози енергетската безбедност на земјата и егзистенцијата на заедниците. И покрај енергетската криза, посочи Пендаровски, решени сме да ја постигнеме оваа цел до крајот на деценијата. Северна Македонија беше првата европска пилот земја избрана за програмата за забрзана транзиција на јаглен од страна на Фондот за климатски инвестиции. Овде, на COP 28, заедно со ЕБОР ќе ја лансираме Инвестициската платформа за правична енергетска транзиција, која ќе ни помогне да ги мобилизираме потребните средства за да се префрлиме на обновливи извори, да ги забрзаме инвестициите во мрежата и да создадеме висококвалитетни зелени работни места за рударските заедници”, истакна Пендаровски.
Тој ги покани потенцијалните партнери и донатори да се приклучат на оваа платформа и да докажат дека правичната енергетска транзиција не само што е неопходна, туку е и можна и достапна.
“Со тоа, ние ќе се усогласиме со Глобалната заложба за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност на ЕУ, рече Пендаровски.
Втора ранлива популација, како што посочи македонскиот претседател се децата. Го поддржуваме, наведе Пендаровски завршувањето на првиот глобален запис, усвојувањето на Глобалната цел за рамка за адаптација и правењето на Фондот за загуби и штети оперативно одржлив.
“За да бидат вистински правични и непристрасни, сите системи мора да ги интегрираат потребите и да ги почитуваат правата на децата“, смета претседателот на Северна Македонија.
Трети како што истакна во говорот Пендаровски се ранливите сектори, како што е здравството.
“Справувањето со климатските промени може да биде можност за развој на здравствени системи отпорни на климатски промени и катастрофи. За таа цел, целосно ја поддржуваме Декларацијата за климата и здравјето. На крајот, грижејќи се за планетата и луѓето, за екосистемите и економијата, ќе ја намалиме енергетската несигурност и ќе придонесеме за многу потребниот мир и безбедност”, рече македонскиот претседател.