Пендаровски: „За жал, многу врати се отвораат за оние што го разбираат јазикот на корупцијата“

– Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, рече дека една третина од граѓаните биле изложени на коруптивен притисок, јавува Анадолу.

Претседателот Пендаровски се обрати на шестата пленарна конференција на Националната конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелни општествени вредности за европска иднина“.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски рече дека, според истражувањата, барем една третина од македонските граѓани изминатава година биле изложени на коруптивен притисок, додавајќи дека „за жал, многу врати се отвораат и многу услуги стануваат достапни за оние што го разбираат јазикот на корупцијата“.

„Ефектите од корупцијата се засилуваат преку правните дупки и нејаснотии, што лесно се злоупотребуваат за да се корумпира и за да се избегне одговорност. Загрижувачки е кога примената на правото зависи од ‘вештината’ на толкување на оние што треба да го имплементираат, па, често законската терминологија добива различно, некогаш и спротивно значење од изворното. На крајот од денот одговараат оние што се огрешиле пред законот, но кои немаат со што да ‘тргуваат’ за да ја откупат својата слобода“.

Тој нагласи дека за драстично редуцирање на корупцијата мора да се инсистира не само на истраги туку на правосилни пресуди, додавајќи дека на тој начин се покажува дека законите важат подеднакво за сите, дури и за најмоќните и најбогатите.

Свој говор имаше и амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир, кој истакна дека борбата против корупцијата и владеењето на правото се основа за вреднување на напредувањето на Северна Македонија на патот кон членство во Унијата.

Тој потсети дека според извештајот на Европската комисија за Северна Македонија, објавен во ноември, во земјата не е забележан напредок во овие клучни области.

„Отсуството на ефективен и независен правен систем значи дека злоупотребите не се проверуваат, правата не се почитуваат, нееднаквоста расте, конкуренцијата и иновациите се задушуваат, а, уште полошо, граѓаните стануваат уморни и цинични за државните институции, па дури и за можноста за промена“, рече Гир.

На настанот присуствуваа и владини претставници, пратеници, дипломати, претставници на судски институции и експерти.