Пендаровски: За потпишување укази не примат совети, пакетот закони за коридорите ќе го разгледам со мојот правен тим

Претседателот Стево Пендаровски денеска од Тетово повтори дека ќе ги чека конечните верзии на пакетот закони поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10д по што во консултација со неговиот правен тим ќе одлучи дали ќе ги потпише. 

Во врска со вчерашното барање од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да не ги потпишува указите за пакетот закони, Пендаровски рече дека не прима совети од никого, а најмалку од политички партии. 

-Кога ќе ги донесат законите во конечна верзија и кога ќе ги изгласаат во Парламентот, тогаш ќе седнеме со мојот правен тим и ќе видиме дали има основа за такво нешто. Инаку, во однос на потпишувањето укази за важење на законите, обично не примам совети од никого, а најмалку од политички партии, нагласи претседателот на државата, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Универзитетот на Југоисточна Европа.