Пендаровски: На Западен Балкан не му е потребен политички симболизам, туку конкретна политичка одлука
Европската унија мора да покаже поголема грижа за регионот. На претстојниот декември самит Европскиот Совет има можност да донесе одлуки за побрза интеграција на Западен Балкан, наместо да го одложува тоа прашање за по европските избори, порача претседателот Стево Пендаровски, на Регионалната конференција „Интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ-предизвици и перспективи”, што се одржува денеска во Скопје, во организација на Подгоричкиот клуб и Универзалната мировна федерација.
Според Пендаровски, неспорно е дека со кандидатскиот статус им се дава симболична поддршка на Украина и на Молдавија, во исклучително тежок период и тоа е добро, но, како што истакна, на Западниот Балкан не му е потребен политички симболизам, туку конкретна политичка одлука.
Базирајќи ги своите одлуки за Украина и за Молдавија врз геополитичкиот резон наместо врз традиционалната агенда на реформи и перформанси, според Пендаровски, Унијата започнала да наликува на НАТО.
-Ако ЕУ навистина има амбиции да биде геополитички играч мора прво да го заокружи и обезбеди својот европски геополитички простор преку интеграција на Западниот Балкан, рече Пендаровски.
Пендаровски посочи дека низ годините се искристализирале две главни причини за застојот.
-Во една од клучните точки на Солунската агенда, државите од регионот се обврзаа да водат борба против организираниот криминал и корупцијата како главна пречка за демократска стабилност, владеењето на правото, економскиот развој и напредокот на граѓанското општество. Наместо тоа, корупцијата стана еден од клучните генератори за иселување на младите луѓе од нашиот регион кои сакаат да живеат во земји и системи во кои ќе можат кариерно да напредуваат, но врз основа на сопствените знаења и вештини. Втората причина е што и самата Европска Унија не беше целосно фокусирана на проширувањето, оставајќи простор за засилување на одредени ретроградни процеси во некои од државите од регионот, објасни тој.
Додаде дека со практично замрзнатото проширување, граѓаните почнале да ја доживуваат Унијата како се подалечна и понедостижна цел.
-Претседателката на Европската комисија, често ја промовира идејата за ЕУ како глобален геополитички играч. Но, ако навистина има амбиции да биде геополитички играч, ЕУ мора прво да го заокружи и обезбеди својот европски геополитички простор преку интеграција на Западниот Балкан, рече тој.
Според Пендаровски, актуелните случувања на Косово и процесите во Босна и Херцеговина се потсетување дека не смее да се занемарат отворените прашања и невралгичните точки што имаат потенцијал да го дестабилизираат нашиот регион, а преку регионот и самата унија.
-Притоа, воопшто не помагаат двосмислените изјави на некои европски челници коишто заговараат, прво, внатрешни реформи во Унијата, а дури потоа проширување. Прво, гледаме дека и по повод најновиот француско-германскиот план за внатрешни реформи на ЕУ се случува внатрешна поделба на Унијата, второ, ваквите изјави директно го хранат евроскептицизмот во нашиот регион, порача Пендатовски.
Истакна дека Европската Унија изгубила многу од својот кредибилитет токму во случајот со Северна Македонија.
-Нема да претерам ако кажам дека падот на евроентузијазмот и во другите држави од регионот, до одреден степен се должи и на македонскиот случај. Еден од најчестите коментари во регионот е дека, ако Македонија, и покрај промената на името не доби почеток на преговорите за членство, тогаш што можат и што треба другите да направат за да напредуваат на тој пат, истакна претседателот Пендаровски.
Поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски во неговото обраќање предложи земјите од Западен Балкан да побараат од Европската Унија постепена интеграција и пред полноправното членство.
Сите земји од Западен Балкан, без исклучок, заедно да побараме од ЕУ пристап до заедничкиот европски пазар и до структурните фондови на Унијата. Не како алтернатива на полноправното членство, туку како меѓучекор кој дополнително ќе не подготви за целосно интегрирање, рече Црвенковски на регионалната конференција „Интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ – предизвици и перспективи, посочи тој.
Оцени дека ЕУ декларативно се залага за проширување, но во реалноста не е подготвена за тоа.
Од друга страна пак, поранешен претседател на Хрватска Степан Месиќ, посочи дека мирот во нашиот регион е повторно соочен со значајни предизвици од различен карактер како од геополитички, емигрантски до инфлациски.
-Ниту една земја во југоистична Европа или на Балканот не е заинтересирана за учество во војни, сепак војната во Украина наметна ситуација во која се бараа и од земите во регионот да не бидат неутрални и да одберат страна, што е ситуација која сама по себе предизвикува поделба и нестабиност и во нашито регион, и покрај тој тренд ниту една земја во регионот не ја отфрли приоритетната цел членство во ЕУ, сепак ми се чини како тоа членство да се оддалечува без разлика на сите поддршки кои доаѓаат од различни страни, истакна Месиќ.
Додаде дека прифаќањето на земји како Украина и Молдавија во блокот ќе значи лоша вест за Западен Балкан, појаснувајќи дека таквата одлука би можела да значи уште една долга фаза на чекање за влез во ЕУ.
Микулаш Џуринда, поранешен премиер на Словачка ситуацијата ја оцени како на моменти депресивна и рече дека не е добро тоа што се движи во круг, а тоа, како што посочи, не е добро.
-ЕУ не треба да чека за проширување,земјите кандидати имаат потреба од спроведување на потребните реформи, реформите се многу важни за самите држави како што беше и кај нас. Економските и политичките реформи се многу важни бидејќи државите треба да бидат економски конкурентни, во таа насока ги охрабрувам политичарите лидери од регионот да се движат побрзо. Сфатив многу од различни индивидуални случаи, особено последните години следејќи ги одблиску различните предизвици на земјите од Западен Балкан и силно верувам дека е можно справувањето со нив. Воедно верувам дека самитот на ЕУ во декември ќе донесе добри позитивни заклучоци, оцени Џуринда.
Конференцијата во Скопје е дел од циклусот настани поврзани со мирот и безбедноста во Западен Балкан одржани во последните две години во соработка на Подгоричкиот клуб и Универзалната мировна федерација.