Пендаровски: Со сегашната опозиција или ако утре биде власт, до 2050 година нема да бидеме земја членка на ЕУ
Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски истакна дека со сегашниот став на опозицијата или ако утре таа биде власт, до 2050 година нема да бидеме земја членка на Европската унија.
Пендаровски во вечерашното гостување со кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова на ТВ21 нагласи дека имаме и други слабости детектирани од Европската комисија, но како што потенцира, проблемот со уставните измени треба да го надминеме.
– Во овој момент само овој проблем треба да го надминеме, со уставните промени. Џабе лицитираме со години, не можеме ако не го надминеме ова. Со оваа опозиција и со утрешната опозиција или власт, која ја поддржува противкандидатката, ние не можеме до крајов на веков да станеме, порача Пендаровски.
Актуелниот претседател потенцира дека услови за составување на влада поставува тој што ќе победи на изборите. Според него, не е добро да се поставуваат услови пред изборите да завршат.
– Условите ги поставува изборниот победник, оној кој на крајот победува и тоа е логиката, а не претходно. Не знам зошто тогаш госпоѓата прво вели дека се сигурни победници со 3:1, го знае резултатот оти ќе победат и на претседателските и на парламентарните избори пред да завршат, а условите пред избори ги поставува нејзиниот лидер Мицкоски, кој вели дајте ги гласовите за нашиот кандидат ако сакате да влезете во влада, рече Пендаровски.