Петличковски: При каснување од крлеж што побрзо да се побара медицинска помош

 Доколку се случи да бидеме каснети од крлеж, треба што побрзо да побараме медицинска помош, а не да се обидуваме самите да ја завршиме работата дома, изјави вечерва на „Сител“, претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски.

– Последната сериозна епидемија со конго-кримска хеморагична треска, се случила во 1971 година. Значи, многу одамна. Изминатите неколку години има еден пријавен случај, кој не завршил во болница, лабораториски потврден случај, се работи за прилично ретка состојба, рече Петличковски.

Тој истакна дека болеста може да биде многу тешка во голем број случаи.

– Кај голем дел болеста ќе помине без симптоми. Кај оние кај кои ќе се јави температура во првите неколку денови, има шанси во 40 отсто од нив, да прогресира болеста и да заврши фатално. Се работи за сериозна болест, потенцираше Петличковски.

Тој се осврна и на лекот „рибавирин“.

– Комплетно е погрешно да се дава лекот, на пример, за превенција, ако лицето знае дека било во контакт со сомнителна личност, да го прими превентивно, не постои такво нешто. Се знае точно кога тој треба да му се даде на пациентот, нагласи Петличковски.

Сите крлежи, додаде, не се заразни. На прашање дали може да се заразиме со болеста преку домашни миленици, тој одговори дека тоа е реткост.

– Многу ретко може да се заразиме од домашни миленици. Крлежите што го пренесуваат овој вирус, специфично се закачуваат на голема стока, значи крави, говеда, овци, кози. Тие се нивниот прв домаќин. Теоретски, веројатно можно е и домашните миленици некогаш да пренесат, но, шансите се прилично мали, вели Петличковски.

Тој повтори дека добра е состојбата на вториот и третиот пациент со конго-кримска хеморагична треска. Кај болничарката бил поминат критичниот период, се очекува нејзино комплетно заздравување, а тие се надеваат оти ќе нема компликации и изненадувања кај третиот пациент.

Во првиот случај на конго-кримска хеморагична треска во земјава, почина 27-годишна пациентка, по инфекција со каснување од крлеж. Во вториот случај се работи за болничарка. Третиот случај кај нас е 42-годишен велешанец, а можниот начин на зараза е неговото рибарење.

Прашан дали треба да се плашиме од новиот сој на коронавирус, наречен „ерис“, Петличковски одговори дека во овој момент, тоа не е потребно.

На глобално ниво се зголемуваат случаите на новоинфицирани, како што посочи тој, меѓутоа нема некое сериозно нарушување на епидемиолошката состојба, нема драматично зголемување на број на случаи и „многу сме далеку од оние месеци кога се бараше кревет повеќе во здравствените институции“.