Петровска: Буџетот за одбрана постојано расте, следната година ќе достигнеме 2 проценти од БДП

 Развојот на технологијата и порастот на неконвенционалните безбедносни предизвици наложуваат државите да ги зголемат инвестициите во одбраната и безбедноста на своите граѓани, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска.

-Заложбата на сите земји членки е дека веќе 2 проценти, согласно претходните заложби, максимумот којашто треба да ја постигне секоја членка до 2024 година, сега ќе биде долната граница којашто секоја земја ќе треба да го постигне, рече министерката Петровска во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24 зборувајќи околу заклучоците од Самитот на НАТО во Вилнус.

Петровска нагласи дека Буџетот на Министерството за одбрана расте постојано, а оваа година тој е 1,85 проценти од БДП, односно 274 милиони евра, дополнувајќи дека станува збор за доволно средства за реализација на започнатите и новите проекти за модернизација на Армијата.

-Извесно е дека следната година ќе го достигнеме минимумот од 2 проценти од БДП за одбрана. Она што е важно е и начинот на кој ги трошиме тие средства. Во НАТО Алијансата се почитува принципот најмалку 20 проценти од буџетот за одбрана да биде наменет за модернизација и опремување и Република Северна Македонија тоа го прави. Минатата година беа 30 проценти, оваа година се испланирани 33 проценти од буџетот, рече Петровска, соопштуваат од прес-службата на Министерството за одбрана.

Министерката Петровска за полигонот Криволак истакна дека како држава треба да ни биде гордост што имаме таков капацитет.

-Полигонот Криволак прераснува во сериозен национален капацитет, но и во капацитет на НАТО Алијансата. Се почесто и почесто многу од нашите сојузници бараат да го користат Криволак и за изведување на вежбовни активност, а многу често го користиме и за изведување на мултинационални вежби, посочи Петровска.