Петровска: Државата е безбедна, инвестираме во нова и модерна опрема и ја следиме состојбата во регионот
– Државата е безбедна, силно инвестираме во нова и модерна опрема и будно ја следиме состојбата во регионот, истакна вечерва министерката за одбрана Славјанка Петровска.
-Денешната седница на Советот за безбедност го потврди она што изминатиот период го изјавувавме јас и останатите мои колеги, а тоа е дека Република Северна Македонија е безбедна земја и засега немаме лоцирано директна закана по нашата безбедност. Она што исто така се потврди на Советот е одличната координација што ја имаат безбедносно – разузнавачките служби во нашата држава, кои точно и навремено ги споделуваат информациите што пристигнуваат до нив по различни канали и од различни извори, истакна Петровска во „Тема на денот“ во централното издание на дненвикот на МТВ.
Министерката посочи дека се следи и ситуацијата во регионот, главно во Косово, каде со одлука на Владата пред две недели, наскоро ќе се зголеми македонскиот контингент за еден дополнителен вод.
-Засега Армијата има упатено два вода на војници кои се дел од мисијата на НАТО на Косово. Пред две недели донесовме одлука дополнително да биде испратен уште еден вод на војници. Процедурата за нивен избор, селекција и воведна одлука е во тек и наскоро очекувам тие да бидат испратени. Ја следиме ситуацијата многу одблизу од два аспекти – прво заради тоа што сме земја сосед и иако директно не сме засегнати сакаме и понатаму регионалниот мир и безбедност да бидат загарантирани, рече министерката.
Во однос на поддршката за Украина, Петровска информираше дека пристигнато е ново барање за донација на воена опрема, за кое Генералштабот во моментот прави анализи.
– Доколку се утврди дека со донирањето на опремата што се побарува нема да се влијае на борбената готовност, ќе се предложи до Владата, да донесе одлука за донација на нов пакет опрема, рече Петровска.
За опремувањето на македонската Армија, министерката истакна дека анализата за набавка на дронови е готова и дека тие се планира да бидат употребени и за воени и за цивилни потреби.
– Повеќе од извесно е дека употребата на дроновите освен исклучително за воени цели ќе биде проширена и во делот на заштита на критичната инфраструктура, обезбедување на објекти кои се од особено значење во одбраната на државата, во превенцијата на пожари и следењето на мигрантските рути, рече Петровска и додаде дека секогаш целта е да се биде ефикасен и економичен во искористувањето на средствата во одбранбениот буџет.