Петровска: “Засилената безбедност е клучна придобивка од нашето членство во НАТО“

Во рамки на одбележувањето на годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО и денешниот Ден на НАТО – 74. години од формирањето на најголемиот воено политички безбедносен сојуз во светот, министерката за одбрана Славјанка Петровска започна циклус академски дијалози со студентите и академската фела во соработка со државните универзитети.

Како што соопшти Министерството за одбрана, денешниот прв дијалог се реализира на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на тема „Влијанието на геополитичките случувања, новата безбедносна парадигма и стратешкиот концепт на НАТО 2030 – можности и предизвици“, на кој министерката Петровска го изрази своето задоволство да поразговара со оние кои во иднина ќе бидат носечки дел од системот на државата и додаде дека вратата на Министерството за одбрана и Армијата е секогаш отворена за младите кадри за кои верува дека треба да останат тука во нашата држава.

Петровска во разговорот со студентите зборувала за придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО Алијансата.

Сеумдесет и четиригодишното постоење, покажува дека оваа организација има способност да се приспособи на предизвиците. Клучната придобивка од нашето зачленување во НАТО е засилената безбедност која ја имаме. Република Северна Македонија е дел од колективниот систем на одбрана на Алијансата, а во НАТО важи правилото дека, кога сте во НАТО никогаш не сте сами. Тоа значи дека можеме да се потпреме на нашите партнери на останатите земји – членки на алијансата кои ќе ни помогнат тогаш кога ни е најпотребно, но она што е уште поважно е во текот на процесот и на постапување и сега откако сме НАТО земја членка дека тие ни помагаат да ги зајакнеме сопствените капацитети за одбрана“, кажа Петровска.

Таа нагласи дека одбраната која е еден од столбовите на секоја држава има клучна улога во процесот на пристапување и во Европската унија.

Градејќи ја одбраната ние ја градиме сегашноста, но уште поважно вложуваме и инвестираме во иднината на државата“, потенцира министерката Петровска и додаде дека градењето на отпорноста особено од хибридните закани меѓу кои и дезинформациите е нешто за што и ние како држава, но и Алијансата силно се залага и дека токму транспарентноста и отчетноста на институциите помагаат во градењето на отпорноста.

Со студентите, министерката Петровска разговараше за модернизацијата на Армијата, војната во Украина, и одговараше на прашањата на студентите поврзани со новата европска безбедноста архитектура.

За време на денешната посета на Штип, министерката Петровска ја посети и штипската касарна „Јане Сандански“, каде се организираше „Отворен ден за граѓаните“, кои можеа одблизу да се запознаат со специфичностите на војничката професија и да ги проследат воено-показните вежби кои се реализираа од припадници на Армијата.