Петти парламентарни избори во Бугарија за излез од политичкиот ќорсокак

Бугарија утре излегува на нови петти по ред парламентарни избори за две години. По четирите неуспешни обиди за формирање влада,предвремените изборни циклуси и краткотрајните владини кабинети, земјата во нов обид да добие стабилна политичка влада. Но шансите тоа да се случи се многу мали. Бугарските гласачи ќе излезат на гласање со надеж за надминување на политичката криза во земјата каде се зголемува потребата од стабилна влада бидејќи се соочува со прашања кои ќе ја одредат нејзината иднина во ЕУ.

Изедначен рејтинг

Во пресрет на парламентарните избори неколку анкети покажуваат предност на две различни опции. На некои анкети води ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. На други истражувања на јавното мислење предност ужива коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија”.

Но предноста и на двете опции не е изразена во толкав процент што може да и овозможи комотна позиција односно да се најде во позиција да состави влада. Распоредот на силите на политичката сцена во Бугарија е таков што меѓусебната поддршка за состав на влада е клучна. Дел од политичките актери веќе излегоа со став дека не би поддржале влада на ГЕРБ со Бојко Борисов.

Освен овие две опции последните анкети покажуваат дека во Собранието ќе се најдат и ДПС, „Преродба”и БСП.

„Движењето за права и слободи“ (ХОХ), центристичка партија која има длабока поддршка од бугарското турско малцинство и други заедници, се предвидува да биде трета по големина партија и да ја игра улогата на креатор на мнозинство.

Со рејтинг кој е на граница до влез во собранието е „Бугарски подем”, на поранешниот премиер на Бугарија Стефан Јанев и партијата Левица.

Партијата „Има таков народ” на Слави Трифонов не го минува цензусот, а ВМРО-БНД ја нема во дел од анкетите.

Слаба заинтересираност

Еден од главните проблеми за тешкото формирање политичка влада во Бугарија исто така е слабата заинтересираност и измореноста на електоратот од избори. Последните истражувања покажуваат дека 50 отсто од граѓаните не се заинтересирани за изборите.

Слаба е заинтересираноста на гласачите во Софија па затоа се проценува дека поголеми шанси за победа ќе има онаа партија која ќе успее да ги анимира граѓаните на главниот град.

Малцинска влада?

Една од опциите за земјата да добие политичка влада и истовремено стабилно мнозинство е да видиме постизборна нова коалиција. Не е исклучена варијантата за стабилизација на земјата со влада на „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија” и ГЕРБ. Тоа би било новитет на политичката сцена во земјата.

Тоа веќе го најави лидерот на „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија”, Кирил Петков кој изјави дека е можна малцинска влада предводена од нив која би ја поддржал ГЕРБ, но без политички договор.

Улогата на претседателот Румен Радев

Од тоа дали Бугарија ќе добие политичка влада и стабилно парламентарно мнозинство зависи и позицијата на претседателот Румен Радев. Ако тоа не се случи Радев како и досега ќе предложи состав на привремена техничка влада.

Институцијата претседател на државата во Бугарија во моментов за разлика од Собранието и Владата има полн политички легитимитет.

ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН