Пет критични и 110 стабилни е состојбата на пациентите од пожарот во Кочани кои се лекуваат во странство. Враќањето на првите пет лица се очекува во земјава во среда или четврток, за што е изготвен и Протокол за нивно прифаќање. Според последните информации од министерството за здравство, сите 55 лица, пак, кои се третираат во македонските болници се, исто така, во добра состојба. Девет од нив се планирани за испис оваа недела, откако ќе бидат направени сите токсиколошки и психолошки испитувања.
Од 17-те пациенти кои се лекуваат во Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС) во Белград, двајца се на механичка вентилација, а двајца се оперирани. Како што соопшти доктор Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦС, тие се во добра состојба и постоперативно се без проблеми.
На шест од вкупно 10 пациенти кои се лекуваат на Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје им е направена трансплантација на кожа поради степенот на изгореници. Директорот на Клиниката, Небојша Настов информираше дека шесте пациенти на кои им е направена трансплантацијата се со трет степен на изгореници, додека кај другите пациенти продолжуваат редовните преврски и веќе во текот на наредната недела се очекува да бидат пуштени на домашно лекување. Но, како што рече, ситуацијата е флуидна и може да се смени од час во час.