– Најмалку 74 лица се уапсени во Русија поради учество во протестни акции за време на претседателските избори на кои се очекува победа на Владимир Путин, објави невладината организација ОВД-Инфо.
Апсењата главно биле извршени во Казан во централна Русија и во Москва. ОВД-Инфо наведува дека бројот на уапсените би можел да биде поголем, бидејќи нејзините членови се уште немаат добиено информации од целата земја.
Многумина од уапсените пристигнаа на гласачките места точно напладне како дел од протестот „Пладне против Путин“ чија цел беше да се изрази противење на начинот на кој се спроведуваат изборите.
Меѓу поддржувачите на протестите се и приврзаниците на неодамна починатиот опозициски лидер Алексеј Навални.
Во акцијата „Пладне против Путин“, Русите кои се против актуелниот руски претседател, излегоа на избирачките места за да гласаат со неважечко гласачко ливче или да поддржат еден од преостанатите тројцата претседателски кандидати. Некои пред гласањето изјавија на гласачкото ливче ќе го напишат името на опозицискиот лидер Алексеј Навални.
Акцијата „Пладне против Путин“ беше поддржана од Јулија Навална, вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и од рускиот опозиционер Борис Надеждин, на кого не му беше дозволено да учествува како кандидат на претседателските избори.