– Хрватската демократска заедница (ХДЗ) по третпат победи на парламентарните избори, рече Андреј Пленковиќ, актуелниот премиер на Република Хрватска и кандидат за истата функција пред Хрватската демократска заедница (ХДЗ) на парламентарните избори одржани вчера.
„Она што е битно е дека Хрватската демократска заедница убедливо победи на парламентарните избори трет пат по ред. Уште поважно е што од утре наутро започнуваме со формирање на ново парламентарно мнозинство за да ја формираме нашата трета влада. Подеднакво им честитам на сите други политички партии кои се поразени на овие избори од страна на ХДЗ“, рече Пленковиќ.
Тој истакна дека ХДЗ ќе продолжи со својата политика, која во изминатите осум години ги заштитила хрватските граѓани од кризи, ја зачувала хрватската економија и овозможила остварување на низа стратешки цели и на внатрешен и на меѓународен план.
„Ние ќе ја продолжиме нашата политика, која во изминатите осум години ги заштити хрватските граѓани од кризи, ја зачува хрватската економија и овозможи остварување на голем број стратешки цели, на внатрешен и на меѓународен план. Овие избори се одржани во прилично тешки околности. Прво, поради тоа што ова беше трет пат по ред да бараме обновување на довербата на хрватскиот народ, што во вакви околности само по себе е сложена задача. Второ, оваа кампања моравме да ја водиме во контекст на флагрантно кршење на Уставот од страна на Милановиќ и сите оние што го поддржаа. Она што загрижува е дека и вечерва, откако ги победивме по трет пат на парламентарните избори, тие и понатаму говорат за некаква влада на квазинационален спас која веројатно треба да нѐ спаси од Шенген, еврото, Пељешки мост, ЛНГ или низа други достигнувања што ги реализиравме во минатото или нашите заеднички планови со коалиционите партнери за развој на Хрватска до крајот на оваа деценија“, рече Пленковиќ.
Тој повтори дека на овие избори победила Хрватската демократска заедница со своите партнери.
„Ние, се разбира, ќе водиме сметка за интересите на хрватската држава, економијата. Секако има еден клучен интерес, а тоа е повторна гаранција за цврста политичка стабилност, веднаш, што поскоро формирање на ново парламентарно мнозинство, како и формирањето на Парламентот и Владата, исто така во овие околности во кои се наоѓа Европа и светот, можеме да гарантираме социјална сигурност за хрватските граѓани“, истакна Пленковиќ.
Тој нагласи дека е време за победа и славје.
„Предлагам малку и да се забавуваме. И од утре да започнеме нови задачи во интерес на хрватскиот народ и државата“, додаде Пленковиќ во обраќањето доцна синоќа.
Државната изборна комисија (ДИК) на Хрватска синоќа, нешто по полноќ, откако се обработени повеќе од 80 отсто од избирачките места, ги објави привремените изборни резултати според кои ХДЗ има освоено 60 мандати.
Според последните привремени резултати, коалицијата „Реки на правдата“ предводена од Социјалдемократската партија (СДП) има освоено 42 мандати.
Движењето „Татковина“ и партнерите имаат освоено 14 мандати, коалицијата „Мост“ 11, „Можеме“ и партнерите десет мандати, ИДС и партнерите три мандати, Независната платформа „Север“ два мандати, а „Фокус Република“ еден мандат.
Објавено е и дека на изборите гласале 61,01 отсто од гласачите.
Во Хрватска вчера се одржаа парламентарни избори на кои повеќе од 3,7 милиони гласачи одлучија кои претставници ќе ги претставуваат во следните четири години и кои ќе добијат можност да формираат нова влада и да раководат со државата.