Поведена постапка против двајца дилери во Струга и во Тетово

– Основното јавно обвинителство Струга донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. 

Како што соопшти Јавното обвинителство, кај 32-годишниот стружанец полицијата пронашла околу еден килограм марихуана, која ја носел со себе во картонска кутија.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, пак, поведе истражна постапка против 34-годишен тетовец за истото кривично дело, бидејќи во подрумот на зграда во населбата Чешел држел вкупно 30 пакувања наркотична дрога марихуана со различна грамажа и со вкупна нето маса од 20,32 грама.

За двајцата осомничени до надлежните судови, како што е наведено во соопштението од ЈО, се поднесени предлози за определување мерка притвор, кои се прифатени и на лицата им се определени бараните притворски мерки.