Повеќе од три милиони Американци страдаат од синдром на хроничен замор

 Над 3,3 милиони луѓе во САД страдаат од хроничен замор, се наведува во нов извештај.

Центрите за контрола и превенција на болести известуваат дека оваа бројка е зголемена во однос на претходните студии и дека една од причините за тоа е продолжениот Ковид-19.

Еден од авторите на извештајот, д-р Елизабет Анџер, вели дека овој синдром очигледно не е редок.

Хроничниот замор се карактеризира со најмалку шест месеци тешка исцрпеност, кога дури и лежењето во кревет не помага.

Пациентите исто така пријавиле болка, конфузија и губење на меморијата кои биле особено влошени после вежбање или работа.

Нема лек, нема тестови на крвта или други тестови со кои може да се постави дијагнозата, пренесува РСЕ.

Лекарите сè уште не знаат што го предизвикува, иако истражувањата сугерираат дека можна причина е продолжената реакција на телото на инфекција или друг имунолошки проблем.

За оваа состојба се зборуваше пред 40 години, кога беше дијагностицирана во Невада и Њујорк, но некои ја отфрлија како психосоматска и ја нарекоа „јапи грип“. Некои лекари и понатаму остануваат на таа позиција, велат експертите и пациентите.

„Лекарите ми рекоа дека сум хипохондрик и дека тоа е само анксиозност и депресија“, вели Хана Пауел, 26-годишна девојка од Јута, која пет години не успеала да добие дијагноза, пренесува Гласот на Америка.

Извештајот на Центрите за контрола и превенција на болести се заснова на искуствата на 57.000 луѓе во САД во 2021 и 2022 година.

Исто така, откриено е дека жените страдаат од синдромот повеќе од мажите, како и белците – во споредба со некои други етнички групи. Тие наоди се во согласност со претходните помали студии.

Експертите сметаат дека само дел од заболените од овој синдром е вклучен во статистиката