ПОВЕЌЕ ОД 2.000 ЛУЃЕ ЗАГИНАТИ ВО МАРОКО: Спасувачите со голи раце копаат по урнатините, прогласена е тридневна жалост (ФОТО)

Бројот на загинати во земјотресот во Мароко се искачи на 2.012 , јави мароканската државна телевизија рано наутро во неделата, повикувајќи се на соопштение на Министерството за внатрешни работи.

Бројот на повредени се искачи на 2.059, вклучувајќи 1.404 лица кои се во критична состојба, се додава.

Мароко, земјотрес

Разорниот земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала, најсмртоносниот во последните шест децении во Мароко , се случи нешто по 23 часот (22:00 часот по Гринич) во петокот во регионот Игил на Високиот Атлас. Игил, планинска област со мали земјоделски села, се наоѓа на околу 70 километри југозападно од Маракеш.

Во селото Амизмиз во близина на епицентарот, спасувачките екипи со голи раце копаат низ урнатините. Паднатите делови од ѕидовите ги блокираа тесните улички. Пред болницата лежат десет тела покриени со чаршафи, до нив ожалостени роднини.

Мароко, земјотрес

Речиси сите куќи во областа Асни, на околу 40 километри јужно од Маракеш, се оштетени, локалното население ја помина ноќта на отворено. Им недостига храна, вода, нема покрив, нема кујна, вели еден од нив, Мохамед Оухамо.

Светската здравствена организација објави дека повеќе од 300.000 луѓе биле погодени од земјотресот во самиот град Маракеш и околните области.

Мароко, земјотрес

Тоа е најсмртоносниот земјотрес што го погодил Мароко од 1960 година, кога се проценува дека загинале најмалку 12.000 луѓе, соопшти Американскиот геолошки институт. Центарот на Маракеш е под заштита на УНЕСКО и е тешко оштетен.

Кралството Мароко прогласи тридневна национална жалост , а знамињата ќе бидат на половина копје низ целата земја.

Алжир, кој ги прекина врските со соседен Мароко во 2021 година, како што ескалираа тензиите меѓу нив поради конфликтот во Западна Сахара, рече дека ќе го отвори својот воздушен простор за хуманитарни и медицински летови.

Во Маракеш, каде уличките се тесни и преполни со скршен материјал, луѓето со голи раце се обидуваат да ги отстранат блоковите за да ги ископаат мртвите и да ги најдат живите.