Пожар во атарот на кочанските села Врбица и Рајчани, зафатени педесетина хектари нискостеблеста шума

 – Во пожар што избувна во атарот на кочанските планински села Врбица и Рајчани зафатени се педесетина хектари со нискостеблеста шума и грмушки, а поради сувата трева огнот брзо се пренесува и се шири по падините на Осоговските Планини.

На терен се противпожарни екипи од Територијалната противпожарна единица и Добвровлното противпожарно друштво од Кочани, кои се обидуваат огнената стихија да ја стават под контрола.

-На терен сме со две возила и десет пожарникари волонтери како поддршка на професионалните пожарникари од Територијалната противпожарна единица, кои дојдоа со три возила. Пожарот зафатил поголема површина, а со оглед на стрмниот и тешко пристапен терен, интервенцијата е отежната. Пламените јазици се и во околината на спомен паркот Свиланово, а во моментот наш приоритет е да спречиме нивно проширување кон помошни земјоделски објекти, како и во околината на манастирот „Св. Ѓорѓи“ кај селото Соколарци, истакна Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво.

По пријавите од граѓаните на единствениот повикувачки број за итни повици 112, се ичекува во гаснењето на пожарот да се вклучат и специјалните авиони на Дирекцијата за заштита и споасување, акко и хеликоптер на МВР.